21.7.2018

Македонско грбословно друштво

Во последниве две десетилетија интересот за хералдиката и вексилологијата во Македонија е во особен подем. Ова, секако, се јавува како учинок на развојот на општењето во сите културни и општествени сфери, но и на непречената можност да се истражува различен архивски и библиографски материјал од врвни светски институции. Така, новонастанатата ситуација и зголемениот обем нови сознаија од овие две области нѐ исправи пред потреба за повисок квалитет во пристапот и сериозноста при целокупната обработка на истите.

Имајќи го предвид сево ова се основа Македонското грбословно друштво кое за себе ги постави следните цели: популаризација на хералдиката и сродните науки и дисциплини; истражување на хералдичкото наследство и наследството од сродните науки и дисциплини поврзано со Македонија, на територијата на Република Македонија и во странство; предложување и изработка на грбови, знамиња, одликувања и други предмети од интерес и стручност на Здружението; водење на хералдички регистар во кој се заведуваат хералдички достигнувања и негово ажурирање; едукација од областа на хералдиката и сродните науки и дисциплини; издавачка дејност за дела од хералдиката и сродните науки и дисциплини.

За остварување на овие цели Македонското грбословно друштво планира да спроведе редица настани од најразличен карактер со кои се надева да ја афирмира македонската хералдика и вексилологија, а со тоа да спроведе и популаризација на истите какои создавање свест за нивното исклучително значење за нашиот бит, општество и култура.