Нов претендент за дизајнот на знамето
На 5 октомври оваа година, на денот на усвојувањето на новото знаме, неколку медиуми пренесоа за роденденот на знамето. Некои од нив, како идеен автор на знамето го посочија Спасе Шуплиновски. Шуплиновски во свој текст од 2013 наведува:
„Во 1995 година генералниот секретар на ООН, Бутрос Бутрос Гали, го повика во Женева македонскиот претседател Киро Глигоров на тематска средба за знамето. Генералниот секретар на ООН, имајќи ги претходно нашите сознанија, прагматично го свел прашањето на техничко: имате ли цврст доказ дека амблемот на знамето не е земен од територијата на друга суверена држава, членка на ООН? Глигоров имаше 80 мои фотографии и филмот “Слнце”. “Земете си едно типично од овие сонца и проблемот е решен ” – би рекол и јас да бев на местото на Бутрос Бутрос Гали. Зашто, на моите фотографии од теренските истражувања ширум Република Македонија немаше ниту една идентична на амблемот од Кутлеш. Што можеше да одговори Глигоров или кој и да беше друг на негово место, особено од редот на дежурните критичари? Така е избрано сегашното сонце на официјалното државно знаме…
Врз основа на овие примери, дипл. инж. Мирослав Грчев, на повик, направи апликација, потоа доработена на компјутер. Грчев од етички причини се откажа од авторство, та сега знамето официјално нема автор.“
Од текстот се добива впечаток дека Грчев бил повикан да направи „апликација“ на знамето врз основа на негови фотографии на артефакти од Македонија, кои претходно ги договориле Бутрос Гали и Киро Глигоров во Брисел. И со тоа Шуплиновси смета дека тој е идејниот автор на знамето. Како што и самиот тврди во својот текст, тој само фотографирал постоечки апликации на сонце и со тоа не може да преземе никакво право врз дизајнот на истите.
Во јавниот дискурс, за автор се смета професорот Мирослав Грчев, кој целиот процес за дизајнот на знамето кој го правел тој по нарачка во еден таен процес, го опишува во статијата Во потрага по ново знаме од Македонски хералд бр. 5 (2011)., во која наведува дека има отстапки од неговиот до усвоениот дизајн.
Од друга страна во книгата посветена на делото на Костадин Танчев- Динката, токму тој се јавува како автор на дизајнот на знамето усвоен на 5.10.1995 (Величковски Владимир, Костадин Танчев – Динката, Скопје: Национална галерија на Македонија, 2019, 181).
Спасе Шуплиновски воопшто не работел на дизајнот на знамето и во никој случај не може да се смета за негов идеен или друг вид на творец.