18.2.2003

Првото медиумско покривање

МАКЕДОНСКИ ВЕБ-СТРАНИЦИ
Грбови од Македонија на Интернет на првата хералдичка страница
Веб-страницата “Хералдика во Македонија” е дело на Македонец – ентузијаст кој се занимава со хералдика и е член на неколку меѓународни хералдички здруженија

На Интернет повеќе од две години постои единствената македонска страница посветена на хералдиката – дисциплината што се занимава со грбовите. На страницата на адресата http://heraldry.mol.com.mk, посетителите може да се информираат за основите на хералдиката и за состојбата со грбовите во Македонија.

Страницата “Хералдика во Македонија” е дело на Македонец, ентузијаст, кој се заинтересирал за хералдиката во деведесеттите години на минатиот век, при својот престој во Велика Британија, земја со богата хералдичка традиција и оттогаш предано ја проучува оваа историска дисциплина.

– Оваа страница е обид за популаризација на хералдиката во Македонија. Во него се опфатени грбови што се користат во Македонија или се поврзани со неа, но и информации за хералдиката воопшто – објаснува Јован Јоновски. Тој е член на повеќе меѓународни и национални хералдички здруженија и иницијатор за создавање македонско хералдичко здружение, кое е во фаза на формирање.

Јоновски на страницата, која е на македонски и на англиски јазик, покрај почетни информации за хералдиката, поставил и четири грба што ги изработил за заинтересирани поединци и еден што го изработил за фирма, а особено внимание му посветува и на традиционалниот грб на Македонија, златниот лав на црвено поле. На страницата се прикажани и грбовите на некои града и општини во Македонија и неколку врски до странски хералдички веб-страници.

Сашо Спасоски

ДНЕВНИК 18 февруари 2003

http://star.dnevnik.com.mk/?pBroj=2079&stID=14488