2.10.2023

Општина Сопиште со нов хералдички грб

На 10 седница на Советот на Општина Сопиште одржана на 29.9.2023 го усвои новиот грб на Оптината.

Според приложениот опис, грбот на Општина Сопиште користи хералдички симболи кои произлегуваат од македонската историја, традиционалните обележја, културното наследство, природните реткости и географските карактеристики на Општина Сопиште.

Централниот елемент на грбот е стилизирана Божица – Мајка со особености на онаа најдена на територија на Општина Сопиште, во Говрлево. Елементот ја нагласува долгата и богата историја на општината и претставува оригинален израз препознатлив и својствен за Сопиште. Другите елементи се грозд и црешов цвет. Тие ја симболизираат лозарската и овоштарската традиција на општината по кои таа е препознатлива. Дабовото гранче под штитот, ги претставува и дабовите шумите во општината.

Грбот е изработен во согласност со македонскиот месно хералдички систем кој претставува единствен хералдички исправен и прецизен систем од правила и пракси во кој секој општински грб зазема точно предвидено и препознатливо место. Според овој систем се изработени и други грбови во државата.

Според македонскиот месно – хералдички систем грбот на Општина Сопиште се состои од следните делови: стандардизиран штит, рангова палисадна круна за општини со седиште во рурална средина и флорален венец.

Грбот има три претстави и тоа: мала, само штит; средна штит со палисадна круна; и голем, штит палисадна круна и флорален венец.

Блазон 

Штит

Златно, црвена божица – мајка, на црвена бордура 4 сребрени цветови од цреша со златен полен и 4 златни гроздови, наизменично.

Круна

Златна палисадна круна

Венец

Зелен дабов венец обвиткан со црвена и златна лента

Блазон: Иван Нацевски

Емблазон: Јован Јоновски